За 24 часа народот собра пари за респиратор за Искра, останува прашањето: До кога вака?

0
Споделивања

Случајот со 17-месечната Искра Трајковска, девојче со спинална мускулна атрофија – Тип 1, чиј респиратор без кој таа не може да диши се расипа, ја крена Македонија на нозе. За неа, респираторот кој изнесува околу 10.000 евра значи живот, и првично го добила од родители на момче кое починало. Но, откако истиот се расипал, започнала агонијата на семејството и борбата за живот на нивното дете.

На 22-ри март Искра била транспортирана на Клиниката за детски болести, но и тамошниот респиратор се расипал, по што била сместена на клиниката Систина, каде имале респиратор кој е во функција.

Како може да се дозволи во една земја да нема ниту еден функционален респиратор во јавното здравство, па родителите да молат за донации во вредност од 10.000 евра, за да можат да купат мобилен респиратор за своето дете, е прашање кое ја револтираше и ја бранува јавноста.

-Во земјава би требало да има околу 20 респиратори, повеќето од нив се донација од Јапонија, но никој од надлежните не знаат каде се! Каде исчезнаа и што се случи и со респираторите кои се користеа во време на ковид пандемијата, и на тоа не добивме одговор! Огромни пари се потрошија тогаш, и ова се прашања од јавен интерес за кои се потребни одговори – за „Фокус“ вели доктор Ненад Лазаров, кој заедно со доктор Бојан Трајковски, Љупчо Петковски, и поголема екипа стои зад платформата ECrowd.mk, преку која за помалку од 24 часа се собраа потребните средства за да се купи мобилен респиратор за малата Искра.

Тој појаснува дека е трогнат од хуманоста на нашиот народ, бидејќи одзивот за помош на Искра бил огромен, но алармира дека во јавното здравство на нашата земја се неопходни барем пет респиратори, достапни во секое време. Не само за дијагнозата на Искра, туку и за пациенти со други дијагнози.

-Моментално Искра е хоспитализирана во Систина, а престојот е на трошок на Фондот за здравствено осигурување. Со помош на донациите таа ќе го добие потребниот респиратор, и се надевам дека овој настан кој допре до целата јавност ќе придонесе да се сменат нештата на подобро и да се сврти вниманието кон овој проблем, околу тоа каде се респираторите, бидејќи вакви нешта се недозволиви во едно општетсво- вели докторот.

Додава дека платформата за донации ECrowd.mk е безбедна и граѓаните треба да знаат дека секој апел објавен на истата е веродостоен, а исто така, овозможен е транспарентен увид во донирањето.

И додека Искра е уште едно дете кое се спасува со донации во земјава, револтот на граѓаните е се поголем. Социјалните мрежи се преплавени со коментари во кои народот прашува до кога ќе се спасуваат животи со помош на донации и дали некогаш нештата ќе се сменат на подобро.

Родители кои се соочуваат со тешка здравствена состојба на дете, дали во тој период да бидат покрај своето дете, или пак да трчаат по финасии, да се задолжуваат, позајмуваат, да молат за хуманост, е само едно од бројните прашања на горчливата тема.

Само во изминатите неколку недели на социјалните мрежи се објавија десеттина апели за донации, и хуманоста на народот пак се покажа на дело. Сепак, останува отворено прашањето – До кога вака?

Извор: Фокус

0
Споделивања
Exit mobile version