Во Прилеп се одржа карневалот „Прочка 2024“ на кој имаше стотици учесници. Познатите „Прилепски мечкари“ беа задоволни што годинава имало многу млади учесници за да ја продолжат вековната традиција. Утре ќе биде поделен посен ручек со грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај Прилеп со што ќе биде означен почетокот на предвелигденските пости.
Прилепските мечкари велат се одржува и продолжува вековната традиција.
„Годинава сме околу 50 маскирани и многу ни е мило што имаме десеттина млади кои ја продолжуваат традицијата“, рекоа прилепските мечкари.
„Прилеп е горд на карневалот кој се одржува по 22. пат. Има одлични маски, расположението е прекрасно, карневалско. Иако годинава немаме гости од други земји, карневалот останува меѓународен и ги очекуваме догодина“, рече Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“.
За Карневалот, угостителските објекти работат со продолжено работно време. Прилепските мечкари за утре ги поканија сите гости на заеднички посен ручек со грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај Прилеп со што ќе биде означен почетокот на предвелигденските пости.