Во Битола, среде енергичната атмосфера на Фестивалот на светската музика, познатиот фотограф и новинар, Петер Ставрев, ги отвори вратите на неговиот извонреден свет, прикажувајќи изложба од неговата стара колекција на плочи.
Ставрев, познат по својата длабока поврзаност со бележење на сите настани во градот и преку новинарската професија и преку фоторепортерството, го покажа и своето интересно хоби овој пат пред јавноста, претставувајќи ја колекцијата винили, која не само што е ретка, туку и длабоко лична.
Изложбата беше поставена во фоајето на театарот, пред официјалниот почеток на фестивалот, каде што и мал избор на фотографии на Ставрев ги надополнија плочите. Неговите избрани фотографии, како и секогаш, така и за оваа изложба беа спој на новинарскиот интегритет и на талентот, доловувајќи моменти од музичката историја, но и лични анегдоти поврзани со некоја од плочите. Посетителите со оваа изложба беа однесени на едно носталгично патување.
Оваа изложба од ОФФ програмата на Фестивалот на светската музика во Битола не беше само приказ на предмети, туку и потсетник на културното наследство, мост што поврзува генерации и почит на трајната моќ на музиката и фотографијата во спој.
фотографиите се на Сашо Ставрев и Диоген Хаџи Коста Милевски