Свет

Кинеска банда во Европа пуштила во оптек фалсификувани монети од 2 евра

Националната полиција на Шпанија разбила синџир за фалсификување монети од 2 евра кои биле пуштени во оптек низ цела Европа. Европол и шпанската полиција успеале да откријат работилница за правење лажни монети во Толедо, која ја опишале како „најважна во Европа во последните 10 години“.

Кинеска банда во оптек пуштила околу 100.000 лажни монети од две евра низ земјата. „Произведени“ биле речиси 500.000 монети „со висок квалитет“ наменети за европскиот пазар.

Европол заедно со шпанската полиција уапсија десет лица, за кои се верува дека се членови на бандата.

Од работилницата во Толедо биле конфискувани слот-машини со кои можеле да се направат и до 1.000 лажни монети дневно.

Најсигурниот тест за лажна монета е да се провери дали е магнетна. Оригиналните монети не се магнетни, па ако вашата паричка се залепи за магнет, веројатно е лажна. „Проверете ги и рабовите на паричката. Оригиналните монети од две евра може да се пофалат со сложена контура и врежани симболи. Фалсификуваните монети нема да го прикажуваат ова ниво на детали“, предупредува Европол.

Во Македонија вакви лажни монети најчесто се пуштаат во оптек на патарините.

МКД.мк уште пред две години пишуваше дека вработените на наплатните рампи на Јавното претпријатие за државни патишта веќе подолго време алармираат на појавата на фалсификувани монети од 2 евра за кои вината на крајот ja плаќаат тие од нивниот џеб.

Ова не е нов проблем во земјите членки на ЕУ. Фалсификувани монети се појавуваат насекаде, а најчесто во Ирска, Италија, Грција и Бугарија. Големи полициски акции за откривање на лицата кои ги дистрибуираат и произведуваат фалсификувани монети од 1 и 2 евра имаше во Ирска и Италија. Пред неколку години бугарската и грчката полиција, во заедничка истрага поддржана и координирана од Европол, разбиле организирана криминална група која произведувала фалсификувани монети евра.

Поврзани новости