Театар

„Македонскиот театар во меѓународната јавност“- врвни имиња од регионот на фестивалот во Прилеп

Мики Радојниќ, театролог, актуелен директор на „Стеријино позорје“, Милош Латиновиќ, директор на театарот и фестивалот „Битеф“, и Јанко Љумовиќ, театарски продуцент, професор, некогашен министер за култура на Црна Гора, се годинава членови на жирито кои ќе одлучуваат за наградите на 57. „Војдан Чернодрински“, најреномираниот и најстар национален фестивал на театарската уметност , кој е во тек, под мотото „Враќање дома“.

Годинава, првпат фестивалското жири го сочинуваат членови од странство. Девет претстави во официјална, седум од независна продукција, две од придружна програма и една дипломска претстава ќе бидат дел од програмата. Во официјалната програма се претставите: „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар, „Бесачи“на Македонскиот народен театар, „Инферно“ на велешкиот театар, „Мистерија Буфо“ на прилепскиот народен театар, „Мy name is Medeјa“ на битолскиот, „Три сестри“ на албанскиот театар, „Несфатената цивилизација“ на охридскиот, „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци и претставата „Женска гардероба“ на театар комедија од Скопје.

На Фестивалот првпат се воведува „Автор во фокус“, а годинава тоа е Коле Чашуле. Лауреати на фестивалот, добитници на наградата за животно дело, годинава се доајените на македонската култура, Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

На фестивалот е отворена и изложбата на костими и фотографии од претстави на кои работел костимографот Благој Мицевски во изминатите речиси 20 години.

Фестивалот ќе биде затворен на 16 јуни со свечено доделување на наградите. Во нивна чест ќе гостува Српско народно позориште од Нови Сад со „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски и во режија на Александар Поповски. 

Поврзани новости