НАЈНОВО

Македонија

Почнува страсната седмица – Кои работи не треба да ги правите?

И да не постите не се прејадувајте. Не заборавајте да побарате прошка од луѓето на кои сте им згрешиле. Што не треба да правите во последната седмица пред Велигден, позната и како страсна седмица?

Една недела пред големиот христијански празник Велигден, почнува т.н. страсна седмица или страсна недела.

Ова е последната седма недела од велигденскиот пост, која важи и за најстрога.

Овие седум дена симболично ги отсликуваат последните денови на Исус Христос пред воскресението, а постот во овие денови се засилува.

Страсната седмица започнува со Велики Понеделник, а кај христијаните како најзначајни се сметаат последните три дена, односно од четврток до сабота, а тоа се деновите кога се вапсаат јајца, се оди во црква и му се молиме на Бога.

Освен што се препорачува воздржување од мрсна храна, алкохол и лоши мисли, во овие седум дена треба да се воздржувате и од неколку други работи.

Што не треба да правиме во овие седум дена?
Да не го чекаме последниот ден за да одиме во црква
Вообичаено во страсната седмица секојдневно има повеќе богослужби.

Иако православните христијани традиционално одат на богослужби во последните три дена од седмицата (четврток, петок и сабота) се препорачува тоа да се прави во текот на целата седмица.

Да не се прејадуваме
Иако некои луѓе воопшто не постат за празниците, сепак црквата препорачува барем во последните неколку денови пред Велигден да се потрудиме да намалиме со внесувањето на храна.

На тој начин ќе се потсетиме себеси дека ни е потребно само она што Бог ни го дава.

Да не се опседнуваме со социјални мрежи и други „пороци“

Освен што треба да се воздржуваме од мрсна храна, добро би било во овие седум дена да ги исчистиме мислите од работите што нè оттргнуваат од верата.

Така потребно е да се воздржуваме од целодневно седење на социјалните мрежи, гласна музика и сите други пороци, од кои сме зависни.

Да не заборавиме на молитвата

Да не заборавиме дека треба да се помолиме и во тишина да застанеме пред иконите.

Освен во црквите и храмовите, можете да се помолите и дома и да одвоите барем 10-тина минути во денот, кога во тишина ќе му се помолите на Христос.

Да не заборавиме да побараме прошка од луѓето на кои сме им згрешиле

Ако сме згрешиле некому, убаво би било во оваа недела да му побараме прошка, па ако е возможно и заедно да појдеме на некоја од богослужбите.

Да му се помолиме на Бога да го омекне срцето на другите и да ни помогне да се ослободиме од лошите мисли и емоции кон другите.

Да не ги одминувате болните или осамените

Во оваа недела не треба да заборавиме да им обрнеме внимание и на болните и осамените луѓе во наша близина.

Да им подадеме рака, за да не се чувствуваат заборавени и напуштени.

Да не заборавиме да одиме во црква и во неделата по Велигден

Неделата по страсната седмица се нарекува уште и светла седмица, односно тоа се денови кога повторно секој ден има литургии во црквите и во манастирите.

Освен што ќе одиме во црква пред големиот празник, убаво би било да одвоиме време и да ги посетиме црквите и по празникот.

 

 

 

 

 

Извор: Црнобело

Поврзани новости