Македонија

Спречен влез на 1,7 тони спорни лекови во земјава

Царински службеници на влез на Меѓународен Аеродром – Скопје, спречија влез на 1,7 тони медикаменти, „Силденафил цитат упс“ и „Сибутрамин“, кои се штетни по здравјето на граѓаните, соопштија од Царинската управа.

Оттаму информираат дека лековите не биле регистрирани во Агенција за лекови, а фирмата увозник немала ниту дозвола за промет на големо со медицински средства, односно не е впишана во регистарот на правни лица за вршење на ваков вид дејност.

„По вештачењето е утврдено дека медикаментите „Сибутрамин“ е супстанца која се наоѓа на Националните листи на контролирани опојни дроги и психотропни супстанци и истата претставува стимуланс на централниот нервен систем. Уште повеќе, утврдено дека истата предизвикува појава на срцеви и мозочни удари, поради што медикаментите кои содржат сибутрамин се забранети за продажба од страна на ЕУ од 2010 година“, велат во Царина.

Оттаму појаснуваат дека лекот „Силденафил цитат упс“ (вијагра) всушност е супстанца која влегува во состав на лекови за лекување и истата подлежи на контролирана продажба.

„Случајот е преземен од одделението за истраги при секторот за контрола и истраги при што против правното лице ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство“, додаваат во Царина.

Поврзани новости