ЖивотЗдравје

Хрватски научници споредиле клетки од лица заразени со корона, вакцинирани или и двете. Еве што откриле

Моќните чувари на имунолошкиот систем, Т-клетките кои настануваат по вакцинирање, послабо ги препознаваат новите варијанти на коронавирус отколку оние што настанале по прележување ковид-19. Сепак, кога ќе препознаат некоја од новите варијанти, Т-клетките настанати по вакцинирање поефикасно се справуваат со „непоканетите гости“, покажа студија на научници од Универзитетот во Риека, објавена во списанието „Сел рипортс“.

Расправата за тоа дали во одбраната против коронавирусот се зајакнува имунитетот настанат по прележувањето или по вакцинирањето се води од почетокот на 2021 година, кога почна широка дистрибуција на вакцини против ковид-19. Во расправите досега поголемо внимание се посветуваше на тоа каков е одговорот на антителата на инфекцијата, но помалку се знае за меморијата на Т-клетките насочена против коронавирусот.

Затоа научниците од Риека под водство на доктор Феликс Венсвин одлучиле да истражат дали постојат разлики во меморијата на Т-клетките настанати по инфекција со коронавирус, вакцинирање или и двете.

Истражувањата на клетките покажале дека вакцинирањето и инфекцијата создаваат еднакво силни Т-клетки. Научниците, исто така, утврдиле дека „разноликоста“ на Т-клетките настанати по инфекција е поголема, што значи поголема способност за препознавање вирусни мутанти. Но, д-р Инга Кавазовиќ, која го направила најголемиот дел од експерименталните работи, заклучила дека истражувањата на клетките во културата се ограничени, па развила „хуманизиран модел на глушец“.

– Станува збор за животно кое е генетски модифицирано на таков начин што самото нема имунолошки систем. Во овие животни можете да пресадите човечки клетки, а тие да не бидат отфрлени. Како резултат на тоа, нивниот имунолошки систем е „хуманизиран“. Во овој случај трансплантиравме Т-клетки од наши пациенти, давајќи им Т-клетки специфични за коронавирусот. Тие животни дополнителни ги заразивме со вирус кој содржеше мал дел од коронавирусот за да видиме како реагираат тие клетки – објаснува Венсвин.

Се покажало дека Т-клетките на вакцинираните лица се посилни од оние што прележале ковид, што било малку и изненадувачко. Но, најдобри чувари се покажале Т-клетките на лица што прележале ковид, а потоа се вакцинирале.

– Кога луѓето се вакцинирале по претходна инфекција, тие добиле најдобро од двата света: „опсегот“ е поголем, но исто така во нашиот модел на хуманизиран глушец беа можни производители на цитокини, имунолошки хормон важен за борба против инфекцијата. Ова ја нагласува важноста на довакцинацијата – истакна Венсвин, холандски научник кој својата кариера во Амстердам ја заменил со живот и работа во Риека.

Тој објаснува дека нашиот имунолошки систем нѐ штити од инфекции со патогени како што се бактерии и вируси.

– Откако сме закрепнале од болеста, имунолошкиот систем го памети причинителот и подобро и поефикасно реагира на нова инфекција. Ако истиот причинител повторно влезе во нашето тело, воопшто немаме симптоми или тие се многу благи. Имунолошкиот систем тоа го постигнува со формирање наменски клетки за помнење, кои брзо се шират по повторна инфекција. Нашето тело има два вида имунолошки мемориски клетки: Б-клетки, кои произведуваат антитела кои неутрализираат закани надвор од клетките, и Т-клетки кои препознаваат и отстрануваат закани во клетките. Вакцините дејствуваат со генерирање мемориски Т и Б-клетки насочени против дел од патогените, односно антигени, без потреба да се разболите од вистински вирус – објаснува Венсвин.

Поврзани новости