Македонија

Вакцините против сезонски грип пристигнаа во пунктовите, од утре почнува имунизацијата на ризичните групи

На три вакцинални пунктови во Скопје, утринава пристигнаа вакцините против сезонски грип. Вакцинацијата против грип почнува утре за ризичните групи граѓани кои изразија интерес на страницата Вакцинација.мк.

Директорот на Здравствен дом Скопје доктор Виктор Исијановски за „Слободен печат“ вели дека персоналот е екипиран, условите се обезбедени и се очекува имунизацијата на граѓаните да тече во најдобар ред.

-Утре почнуваме со вакцинација на пунктовите Бит Пазар, Идадија и Букурешт. На пунктовите на Бит Пазар и Идадија работното време е од 8 часот наутро до 19 часот навечер, а Букурешт ќе работи само во втора смена, од 14 до 19 часот. Граѓаните кои се пријавија и добија термин преку СМС порака, ќе бидат повикувани во наредните денови. Веќе добивме список со закажани пациенти и на располагање ни се 60 илјади вакцини. Екипирани сме доволно. Препораката е да се заштитат повозрасните лица од сезонскиот грип кој може да биде сериозна работа за нив, како и хронично болните, бремените жени и децата до 5 години, изјави за „Слободен печат“ доктор Исијановски.

Министерството за здравство годинава нарача количини од вакцината против грип за 50 проценти повисока отколку лани. Изминатите години, поради пандемијата со ковид 19, грипот беше дијагностициран кај помал број граѓани.

Вакцината против грип е најдобра превентивна мерка, особено се препорачува за лицата постари од 65 години, лица со хронични болести и состојби на намален имунитет, како и кај децата помали од 2 години. Вакцинацијата против грип не е 100-процентна гаранција дека вакцинираното лице нема да се разболи од грип, но дури и да добие грип, тој ќе биде во поблага форма, а ризикот од компликации е значително намален, велат од Институтот за јавно здравје.

Грипот е акутно заболување на дишните патишта, предизвикано од вирусите на инфлуенца тип А и Б, кое најчесто се јавува во зголемен број или во епидемиска форма во текот на зимскиот период. Во овој период, чести се и инфекциите со други респираторни вируси кои имаат исти или слични симптоми со грипот. Во пракса, тешко може да се направи разлика дали се работи за грип или обична настинка само врза база на симптоматологијата, ако не се направи лабораториска, односно микробиолошка потврда на причинителот на заболувањето.

Грипот има ненадеен почеток со висока температура, главоболка, општа малаксаност, истоштеност, болки во мускулите и зглобовите, црвено и болно грло, гребење во грлото, солзење во очите и секреција од носот, како и кашлица која најчесто е сува, непродуктивна. Секој заболен не мора да ги има сите наброени симптоми, а кај дел од заразените лица болеста може да помине и без симптоми (според податоци од некои студии тој процент се движи од 20-30 проценти), или пак со благи симптоми на настинка.

За потврдување на дијагнозата на грип, со брис се зема материјал од грло и нос и се испраќа во специјализирана лабораторија, каде во доставениот примерок се докажува присуство на вирусот или негови делови. Во време кога грипот е веќе широко распространет во заедницата и има лабораториска потврда за тоа, не е неопходна лабораториска дијагноза на секој поединечен случај, туку дијагнозата се поставува врза база на клинички знаци и симптоми.

Лекувањето на грипот, исто како и на настинките е симптоматско, односно се лекуваат симптомите, а не самата болест. Се спроведува хигиено-диететски режим (мирување, земање на повеќе течности – топли напитоци, лесна исхрана, витамини и минерали), а по препорака на доктор и во зависност од тежината на болеста, може да се дадат и одредени антивирусни лекови. Антибиотска терапија се дава само во случај на секундарни бактериски инфекции кои го влошуваат текот и исходот на болеста, односно за лекување на компликациите од грипот, исклучиво по налог на доктор.

Се смета дека годишно во светот околу 3-5 милиони луѓе заболуваат од тешки форми на грип, а околу 250-500 илјади од нив умираат.

Поврзани новости