ЗабаваЗанимливости

Видео: Поради студот, на Флорида игуаните паѓаа од дрвјата

Кога во Флорида температурите паѓаат, „паѓаат“ и игуаните, карактеристични животни за ова место. Како и минатата година, во Флорида повторно биле забележани ниски температури, а се тврди дека поради нив, игуаните паѓаат од дрвјата. Но, што навистина се случува со нив?

Кога навистина им студи, овие животни паѓаат од дрвјата на земја, но и покрај тоа што се неподвижни, овие гуштери не се мртви туку само „замрзнати“ во поза која е и комична и пресудна за нивниот опстанок, пренесува РТС.

Кога температурите паѓаат под седум степени Целзиусови, игуаните одат во хибернација. Тоа е начин да се заштитат додека температурата повторно не се искачи на 10 степени. Во оваа состојба на „замрзнување“, игуаните дишат, а најважните функции на телото сè уште работат.

Можеби се спуштени од дрвјата, но не се мртви“, соопшти Националната метеоролошка служба во Мајами.

Единственото нешто за што жителите на Флорида треба да се грижат е да внимаваат овие животни да не им паднат над глава. Имнаку, игуаните се големи – возрасните мажјаци може да бидат долги и до 150 сантиметри и тежат до девет килограми, па затоа тие може да бидат опасни ако „слетаат“ над минувачите.

Студеното време може да биде опасно за игуаните ако температурата се задржи под седум степени Целзиусови повеќе од осум часа, бидејќи некои игуани ќе умрат, особено помалите.

„Прагот на температурата на која игуаните почнуваат да хибернираат е многу зависна од големината на игуаната. Општо земено, колку е поголема игуаната, толку повеќе студ може да толерира и подолг временски период“, вели Рон Магил од Зоолошката градина во Мајами.

Дури и ако температурите остануваат под седум степени долги периоди, некои игуани имаат начини да преживеат. Исто така, многу игуани во Јужна Флорида навлегуваат длабоко во нивните јами од студот.

Поврзани новости