Ракомет

Е. Пелистер не прифати одложување на дербито со Вардар 1961

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) попладнево го објави распоредот за натпреварите од претстојното 8. коло во машката Суперлига во кое нема измени во програмата во која за в недела во Битола е закажано големото дерби меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар 1961.

Раководството на Вардар 1961 вчера побара од РФМ одложувањето на дуелот во Битола поради неповолна здравствена состојба во тимот, нведувајќи дека повеќе играчи и членови на стручниот штаб се болни од тешка вироза.

„Заклучно со последниот тренинг на екипата, имаме 15-тина играчи и членови на Стручен штаб кои се зафатени од тешка вироза и не се во можност ниту да тренираат, ниту да играат натпревар“, соопшти во четвртокот Вардар 1961.

Актуелниот шампион Еурофарм Пелистер во денешната реакција посочи дека не прифаќа одложување на натпреварот кој е закажан за в недела од 18 часот во салата „Боро Чурлевски“.

„Согласно пропозициите за натпревари во Суперлигата, постојат услови за одигрување на натпреварот Еурофарм Пелистер – Вардар 1961 и ние, како и секогаш, максимално ќе се придржуваме кон пропозициите“, се наведува во клупското соопштение на битолскиот шампион.

По воведните седум кола, Вардар 1961 е првопласиран на табелата во групата Б со максимален ефект, пред Еурофарм Пелистер, кој има ефект од шест победи и еден пораз. (МИА)

Поврзани новости