Ракомет

Пелистерци храбро се бореа, Киелце се препоте во Битола за нови бодови во ЛШ

Ракометарите на Еурофарм Пелистер одново се поразени во Лигата на шампионите. Европскиот гиган и актуелен вицешампион, Киелце им нанесе нов неуспех на „зелено-белите“ во елитата, откако пред полната сала во „Боро Чурлевски“ извојува тежок триумф од 21-24.

По заминувањето на Александар Јовиќ и Звонко Шундовски, вечерва свое деби на клупата на македонскиот шампион имаше спортскиот директор Бранислав Ангеловски. Поранешниот репрезентативец, кој поседува „мастер-коуч“ лиценца, треба да биде привремено решение на „жешкото“ тренерско столче, а за овој дуел се реши на трибини да ги остави македонските репрезентативци Ѓорговски и Кизиќ, како и интернационалците Стевановиќ, Дејвис и Сери. На спротивната страна пак Талант Душебаев за Битола отпатува со само 14 ракометари, затоа што веќе извесен период се соочува со проблеми со повреди на неколку клучни ракометари.

Гостинот од Полска имаше одличен старт на натпреварот во „Боро Чурлевски“. Киелце играше сигурно и трпеливо во двата правци и на погонот на исландскиот ас Трастарсон успеа брзо резултатски се одлепи. Во воведните десет минути гостинот постигна шест гола, а кај пелистерци единствени светли точки беа Борзаш (гол и асистенција) и Гедбан, кој имаше неколку одбранети зицери (6-2). Полското водство од минута во минута се зголемуваше и Ангеловски мораше да реагира со тајм-аут, но неговите избраници влегуваа од грешка во грешка, па третиот погодок Пелистер го постигна дури во 18. минута кога погоди Пешевски. Во тој период во таборот на Киелце се разигра и Карачиќ, кој со два прекрасни гола ја налути битолската публика, а откако не остана имун на свирежите и возврати на провокациите, судиите решија да го пратат на „ладење“ две минути.

Следуваше период во кој Ангеловски менуваше многу, проба да ја најде идеалниот состав на терен, играше и со два кружни напаѓачи, но Киелце како да беше подготвен на сè и продолжи со одличната игра и на полувреме замина со предност од шест гола (8-14).

Ако на „зелено-белите“ во првиот дел им требаа 18 минути за три гол, во вториот тоа го направија за само пет минути и со тоа започнаа проблемите на фаворитот од Полска. Лесјак блесна на голот, одбраната беше далеку поподвижна и поцврска и со серија од 7-2 пелистерци успеаја да ја „стопат“ гостинската предност и во 43. минута стигнаа до негатива од само еден гол (15-16).

Киелце за момент се освеси од шокот и со два брзи гола се врати на сигурни „плус три“, но еуфоријата во битолскиот табор не стивна и Радивојевиќ и Тајник одново го вратија својот тим на само еден гол негатива. Во 54. минута Павле Петровиќ пропушти голема шанса за прво израмнување на Пелистер, а промашувањето на босанскиот ас беше последната шанса за нешто повеќе на пелистерци, затоа што во продолжение Киелце искусно го чуваше минималното водство и на крај славеше со 21-14.

Во следното коло пелистерци ќе патуваат за Унгарија, каде треба да се судрат со ПИК Сегед, натпревар кој се игра на 16 ноември.

Извор и Фото: Гол.мк

Поврзани новости