ЗабаваЗанимливости

Зошто бабари, мазник со паричка, василичарски оган? – Еве што раскажуваат обичаите за овие денови

Денес семејствата на православните христијани кои се водат според Јулијански календар, ја пречекуваат Православната или Старата нова година.

За многумина, Василица се празнува и како домашна слава, а именден слават сите оние кои го носат името на светецот Свети Василиј Велики кој бил еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Имено, Василиј бил родум од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.

Обичаи и верувања кои се поврзани со овие денови:

Од каде доаѓаат ,,бабарите”? 

Според верувањата овие денови (од Божиќ до Водици), претставуваат т. н. Некрстени денови, затоа што легендата вели дека ѓаволите се мачеле да го излажат Исус да не се крсти, за да ,,му ја затворат вратата” на Бога и да не се исполни неговата волја.

Од тука се вели дека деновиве, зли и нечисти  сили се шетаат меѓу  нас и сакаат да ни наштетат. Со цел да се заштитиме од злото, според обичаите, на ниво на целата земја, познати се т.н.драмски игри на луѓето под маски. Ова и денес се случува на ниво на цела етичка Македонија каде одредена група на луѓе е облечена во страшни костими и маски, а со себе носи разни инструменти како ѕвонци, тенџериња, тропалки, предмети кои предизвокуваат врева. Токму таа врева, се верува дека ќе ги избрка лошоте сили и духови.

Во сите градови овие ,,изведувачи” се нарекуваат различно: во скопско-џамалари, во тиквешијата-џаламари,
во охридско-василичари, во битолско-бабари, во разлошко-сурваскаре, во костурско и други места во Егејска Македонија ешкари и тн.

Зошто паричка? 

На овој ден се крши пита (мазник) со паричка и се верува дека на оној кој ќе му се падне паричка ќе биде среќен во текот на целата година, а ете го зародишот за ,,приказната со парето”:

Во времето кога свети Василиј Велики станал архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб човек, имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите луѓе во Кесарија да ги донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигнал, свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и одбил што било да земе, ниту пак го ограбил градот. Свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на новогодишната вечер, не знаејќи што кому му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лепчиња за секој верник. Во секој од лебовите тој ставил малку накит и златници. На денот на Нова година, кога сите луѓе дошле во црква, тој секому му дал по едно лепче. Тоа што секој го имал најдено во лепчето било токму тоа што претходно го имал дадено. -пишува во житието за Свети Василиј.

Василичарски оган

Палењето на василичарскиот оган, значи испраќање на старата година и истиот е симбол на божествената светлина што, според народните верувања, ги прогонуваат лошите сили.

Такви ни се обичаите, верувањата од преданијата. Но, како и да е, денес е празник. Одете во црква, запалете свеќа и помолете се на Бога за вас, за вашите најблиски, за светот и доброто над злото. За љубовта над омразата! За мирот над војната! 

Поврзани новости