НАЈНОВО

ВестиМакедонија

Легнување на улица пред кола, снимање на вагон, игра на задушување – Тик-ток предизвици ги убиваат тинејџерите

Нема се уште официјална потврда дека девојчето кое во саботата вечерта изгоре на вагон од струен удар во Илинден, се качило горе за да снима видео за на социјалната мрежа „Тик-Ток“.

Во близина на телото на четиринаесетгодишното девојче бил најден нејзиниот телефон, но нема официјална информација што правело девојчето на вагонот.

Според изјавите на очевидци девочјето снимало видео за на „Тик-Ток“, но од надлежните не ја потврдуваат информацијата, со оглед на тоа дека нивниот фокус на случајот е дали имало и немало кривично дело во инцидентот што се случи во Илинден.

Официјално девојчето со уште две други деца си играло околу паркираните вагони. Во еден момент се качило на еден од вагоните и се допрело до жиците за струја под висок напон.

ИМА ТАБЛИ ЗА ВИСОК НАПОН

Сличен ваков случај имаше лани во ноември кога седуманесетгодишна девојка се качила на вагони во Маџари за да снима видео за Тик-Ток. Од струјниот удар девојката имаше изгореници од трет степен на 30 проценти од телото, а случајот во Илинден заврши трагично.

-Секаде има поставено табли за висок напон, а на столбовите и шилци. Ние се грижиме за безбедноста, но не можеме никого да спречиме ако оди скришно или намерно да се слика без размислување за личната сигурност, вели за „Фокус“, директорот за електротехнички постројки, Боро Радевски.

Тик-Ток е мобилна апликација која им овозможува на корисниците да создаваат и да гледаат видеа 15 секунди, во кинеска сопственост. Видеата гледани на Тик-Ток имаат позадини фрагменти од музички парчиња, а протагонистите на видеата танцуваат или пеат.

На апликацијата се појавуваат видеа од цел свет, односно корисниците не бираат сами што ќе гледаат. Има видеа со играње, готвење, но има и опасни предизвици, а старосната граница за користење на оваа апликација е 13 години, иако ја користат и помали деца.

Освен предизвикот со качување на вагон за да се сними видео, има видеа и каде тинејџерите снимаат како возот им се приближува и предизвикот е кој повеќе ќе издржи да не се тргне.

Возачи од Скопје реагираа дека тинејџери легнуваат на улици и булевари и чекаат да им се приближи возило, а потоа бегаат, или буквално скокаат пред автомобил.

Пред две години десетгодишно девојче од Палермо, Италија се задуши со каиш од бањарка изведувајќи предизвик од „Тик-Ток“. Слични вакви случаи со задржување на здивот додека не се онесвестат завршија кобно и за други деца, а многу родители ја тужеа компанијата за убиство од небрежност.

Поврзани новости