ВестиМакедонија

Муслиманите го слават Рамазан Бајрам – пораки за мир, добрина и почит

Муслиманските верници денеска го слават Рамазан Бајрам, еден од најголемите празници кој следува по завршувањето на постот во месецот Рамазан. Централната манифестација во земјава утрово се одржа во Мустафа-пашината џамија во Скопје.

По молитвата за Бајрам, муслиманите си честитаа со пораки за мир, добрина и почит.

Свои честитки упатија и политичките лидери во Северна Македонија.

Претседателот Стево Пендаровски во својата честитка на граѓаните од исламска вероисповед им посака мирни денови исполнети со радост и љубов со ближните.

„Во духот на Рамазан да даруваме, помагаме и шириме добра волја. Без разлика на верската, етничката и политичката припадност да имаме разбирање и почит кон сите наши сограѓани. Заедно, сплотени и солидарни да работиме на напредокот и благосостојбата на нашата заедничка татковина, Република Северна Македонија“, се вели во честитката на Претседателот.

Желби за мир, радост и благосостојба упати и премиерот Димитар Ковачевски. Тој во својата честитка порача дека во време на безбедносни и економски предизвици на европскиот континент, Северна Македонија е корисен и уникатен пример за негувањето и развојот на различните традиции, вери и заедници.

„Празниците се денови кога членовите на семејствата, соседите, пријателите се заедно и споделуваат меѓусебна почит, разбирање, солидарност. Токму на овие вредности, ние заедно го градиме и нашето еднакво општество за сите граѓани, промовирајќи ја мултикултурата како функционална придобивка и со оваа посебност ја интегрираме државата во европското семејство на народи и држави“, порача премиерот Ковачевски.

Добро здравје, духовен и ментален мир посака и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Свеченото чувство и топлото зрачење продира до срцата и домовите на сите. Се надевам дека во периодот што го оставаме зад нас успеавме да го извлечеме од себе најдоброто. Дека успеавме да споделиме со блиските, со познатите и тие во потреба зборови на надеж, дела на солидарност, почит и разбирање, но над сѐ, да ја споделиме трпезата и сето тоа што го имаме“, напиша Џафери во својата честитка.

Поврзани новости