Свет

Силно невреме „коси“ градови низ САД, најмалку 5 лица загинаа, аеродромите блокирани

Најмалку пет лица загинаа во зимското невреме на истокот на САД, а двајца се тешко повредени.

Предупредувањата за поплави важеа до денеска за делови од американските сојузни држави Њујорк и Њу Џерси, јави Би-Би-Си. Повеќе од 150.000 домови останаа без струја во средата навечер, главно во Њујорк и Пенсилванија.

Речиси 700 летови беа откажани, а 4.000 беа одложени. Најпогодени се аеродромите во Њујорк. Официјалните лица предупредија дека некои реки може да се излеат во следните два дена во североисточните делови на САД.

Обилните врнежи доведоа до затворање на патиштата. Во американската сојузна држава Конектикат, властите вчера наредија задолжителна евакуација на жителите покрај реката Јантик поради опасност од поплави, велејќи дека луѓето би можеле да бидат раселени неколку дена.

Во Анаполис, Мериленд, жителите беа принудени да користат кајак поради рекордно ниво на поплави.

Многу училишни области на источниот брег ја откажаа наставата во вторник и среда поради лошото време.

Серија торнада погодија неколку држави во југоисточниот дел на САД во вторникот, вклучувајќи ги Флорида, Алабама и Џорџија.

Поврзани новости