Битола инфоВести

Средното економско училиште во Битола прослави 100 години

„Денес имаме тешка задача да ги задржиме младите тука, да ги наполниме полупразните улици и претпријатија со наши солидни кадри и оттука да го создадеме светот и на светот да му понудиме вреден капитал“, беше пораката од прославата на стогодишнината на Средното економско училиште „Јане Сандански“ во Битола. Од ова училиште со децении излегуваат најсолидните економисти кои ги воделе стопанските стожери во Пелагонија во фирмите „Јавор“, ЗК „Пелагонија“, Битолската пивара, Квасара, Шеќерана, Жито Битола, банки.

Со свечена академија, дефиле, документарец за развојот на училиштето и публикација, „Јане Сандански“ вчера го одбележа овој редок јубилеј.

„Првото училишно ѕвоно удрило на 21 април 1923 година кога било основано училиштето, и првите ученици што сакале да се образоваат за трговци првпат седнале во клупите во учебната 1922/23 година во тогашната Средна трговска школа, сместена во денешните простории на училиштето ‘Гоце Делчев’ во центарот на Битола. Најмногу можеле да се запишат 30 ученици и школувањето било две години. Властите процениле дека крајот има услови за стопански и трговски развој, па неопходна била едукација на продавачи и трговци. Дипломците имале висок углед во општеството и најповолни можности за вработување во трговијата, поштите, банките, осигурителните друштва“, кажа директорот Александар Цветковски.

Потоа школото прераснало во трговска академија, а по ослободувањето 1945 го добило името по револуционерот Јане Сандански како економско училиште, кое во 1970-тите години се сместило во адаптираната зграда на воената амбуланта при поранешниот југословенски гарнизон во Битола, каде остана до денес.

Во ова училиште знаењата од економијата ги стекнале Тодор Чаловски, поранешен директорот на „Јавор“, Димче Стефановски од поранешната „Битолска пиварница“, Пеце Илиевски-Пуеро од „Жито Битола“, Вангел Торков од „Фустеларко“, па сѐ до денешни директори, меѓу кои и Гордана Балтова во Стопанска банка – Битола.

За традицијата на училиштето кое опстојува еден век доказ се и повеќе генерации од битолски семејства кои тука ја стекнале својата наобразба. Таков е и случајот на директорот Цветковски, чии мајка и сестра учеле тука, а сега и неговата ќерка пројавува интерес да се запише во средно економско.

Во почетоците, училиштето образувало по триесетина ученици генерациски, а денес бројката е петпати поголема само во прва година. А вкупно денес во сите четири години брои 530 средношколци.

„Покрај традиционалните насоки економија, право и трговија, ги прошируваме и со современите трендови е-бизнис и дигитален маркетинг каде учениците ќе можат да се стекнат со нови знаењс што ги налага современото општество. Од годинава, училиштето е вклучено и во реформирано стручно образование за да можат учениците да учат на самото работно место, па еден училишен ден во недела во трета и четврта година имаат практична настава“, вели Цветковски.

Поврзани новости