НАЈНОВО

ВестиСвет

Шефот на ФБИ вели дека коронавирусот најверојатно потекнува од лабораторија во Вухан

Во интервјуто за Фокс њуз шефот на ФБИ, Кристофер Вреј, рече дека Кина „дава се од себе за да се обиде да ги спречи и замати“ напорите за идентификување на изворот на глобалната пандемија. Како одговор на наодите на ФБИ, Пекинг го обвини Вашингтон за политичка манипулација
Директорот на Федералното биро за истраги (ФБИ), Кристофер Вреј, изјави дека бирото проценило оти ковид-19 најверојатно потекнува од лабораторија во Вухан – градот од каде што вирусот започна да се шири кон крајот на 2019 година по што прерасна во глобална пандемија, јави Би-би-си.

„ФБИ веќе подолго време проценува дека потеклото на пандемијата е најверојатно потенцијален лабораториски инцидент“,

изјави Вреј.
Во интервјуто за Фокс њуз шефот на ФБИ рече дека Кина „дава се од себе за да се обиде да ги спречи и замати“ напорите за идентификување на изворот на глобалната пандемија.

Коментарите на Вреј доаѓаат еден ден откако американскиот амбасадор во Кина ја повика земјата да биде поискрена околу потеклото на коронавирусот.

Претходно и американското Министерство за енергетика изјави дека пандемијата на коронавирусот е предизвикана од кинеска лабораторија. Други американски владини агенции донесоа различни заклучоци со различен степен на доверба за наодите на ФБИ. Некои од нив со ниско ниво на сигурност рекоа дека вирусот не започнал во лабораторија, туку бил пренесен од животни на луѓе.

Портпаролот на Белата куќа Џон Кирби во понеделникот рече дека американската влада не постигнала конечен заклучок и консензус за потеклото на пандемијата.

Како одговор на наодите на ФБИ, Пекинг го обвини Вашингтон за политичка манипулација.

„Кина остро се спротивставува на сите обиди за политичка манипулација под превезот на потрага по потеклото на коронавирусот. Бараме САД да ја почитуваат науката и фактите и да престанат да го политизираат прашањето за потеклото на коронавирусот“,

рече портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.
Тензиите во билатералните врски меѓу САД и Кина се зголемија по неодамнешната сага за кинескиот балон кој се појави над американското тло.

Покрај ова, Соединетите Американски Држави директно ја предупредија Кина дека ќе ги таргетираат и ќе воведат санкции за нејзините фирми или луѓе вклучени во какви било напори за испраќање воена помош за Русија, односно за руските војници кои се вклучени во инвазијата на Украина.

Поврзани новости