Битола инфоВести

,,Ќе го замре ли маглата огнот или огнот ќе се пробие низ маглата?” – Битолската приказна за Коледе, ноќта спроти Бадник

На 5 јануари, според нашите македонски обичаи, започнува славењето на најубавите празници – Божиќните празници.  Вечер ќе се означи ноќта спроти Бадник. Првите коледари ќе го запалат коледарскиот оган и ќе запеат песни, ќе се слуша музика, ќе се пие варено вино, ракија.

…И дури гласот силно ќе одекне низ македонска песна и на далеку ќе се разбере обичајот, и дури ќе гледаме во огнот и жарот кој постојано гори, ќе ги ,,избркаме“ злите духови од земјата. Така веруваме, таква е традицијата, такви ни се обичаите.

. ..Но, ќе ја пробие ли маглата огнот или огнот ќе се пробие низ маглата? Ни треба ли ветер или дожд за оваа ,,магла” да исчезне? Или.. Ќе се пробие ли надежта за подобро утре?

Тоа утре значи наговестување на нешто толку грандиозно, на голем празник, на надеж и верување во чуда.

Тој оган значи радост, спомен, искра и можност барем уште малку да можеме да го задржиме мигот од прадедовци што ни останал. Мигот кога бар за миг бевме сплотени во едно, кога не мразевме, кога знаевме да сме среќни без телефони, кога не знаевме за омраза, кога не беше етичен говорот на омраза и инаетот и лакомштилокот, љубомората, лицемерието и одмаздата. Мигот кога не беа сите тие толку симпатични епитети кои би му прилегале на човека, а кои сега се бонтон, израз на култура, обележје на едно општество, град,,,џентлментски подвизи”. Мигот кога бевме срдечни и мигот кога сакавме.

Се сеќавате ли на овој ден? Кога коледарски и божиќни песни ечеа низ маалото, кога се одеше од куќа во куќа со коледарски торбиња или (битолски речено – со ,,спиљони”) и кога како деца беревме костенчиња, колачиња, овошје или бонбони, а и по некоја паричка… И такви радосни купувавме колбавчиња и јадевме костенчиња кои ни ги печеа ,,големите” покрај огнот се дури не ни поруменеа, а и ,,помодреа” образите од студ. Се дури детските ноџиња не ни смрзнале.

Се молевме да не заврши тој миг. Кога се слушаше гитара покрај огнот и битолски еснавски песни ѕиркаа низ пламенот или… низ лоша фреквенција од старо радио и антена што никако да се ,,намести” се слушаа музички желби од слушатели. И не беа смешни. И не им се смеевме.

Тој миг таму. ,,Зад гаражите” го викавме. Во нашето маало. Во тоа детство кај Бела Чешма. Во таа една улица, во таа приказна од каде излегуваа различни светови, креации, планети, универзуми.

Се дури комшијата не се опиеше само за да се има муабет после тоа со денови низ маалото. Нит тој се лутеше, нит ние ,,толку” го Љутевме. Оти си имаше љубов. Бар кај нас. Се дури насмевките се разлеваа наугоре низ чадот, и детското ,,Те молам мамо уште малку!” сакаше уште. И уште сака. И уште моли. Ете токму за тој миг. Кога крвта ни вриеше иако нозете ни смрзнуваа. Се дури сонувавме и верувавме за надеж и подобро некое утре…покрај коледарскиот оган… Ете тој миг. Кога бевме деца и верувавме во чуда. Чувајте го тој миг и верувајте! На ноќта спроти бадник.

Поврзани новости