ВестиПрилеп инфо

Во Прилеп грипот допрва се заканува

Нема проблеми со ковид во Прилеп, но, сезонскиот грип зема замав. Особено со почетокот на второто полугодие. Пикот на грипот се очекува со почетокот на февруари, велат од прилепскиот Центар за јавно здравје.

Засега во училишните клупи нема отсуства, по декемврискиот бран кога во едно училиште, како што е случајот со основното училиште „Климент Охридски“, имаше дневно дури и 200 ученици помалку.

Според Драгица Николоска, директорка на прилепскиот Центар за јавно здравје, има преплетеност на вирусите. Со грипот се најзагрозени најмладите до 4 години и оние од 16 до 64-годишна возраст.

– Пикот на грипот се очекува во почетокот на февруари и во текот на месецот. Системот за контрола на акутни респираторни инфекции покажува дека имаме зголемена активност на сезонскиот грип во овој период, така што за јануари имаме има пријавено 209 случаи на сезонски грип. Но таа бројка, верувам, дека е уште поголема зашто голем број луѓе решаваат да се лекуваат во домашни услови и не се јавуваат на лекар. Најверојантно зашто имаат поблаги симптоми. Заболените се до 4 години и од 16 до 64-годишна возраст. Немаме пријавено смртен случај, но со почетокот на јануари, може да кажеме, дека влегуваме во сезоната на грипот и ја детектираме како вообичаена активност на сезонскиот грип. Годинава се очекуваше зголемен бран и тоа се случи и пикот го очекуваме во почетокот и до крајот на февруари. Почна второто полугодие, но допрва се очекува зголемена активност, изјави Николоска.

Што се однесува до ковид, од почетокот на јануари тестирање побарале само 60, а за ковид се потврдени 26 случаи. Во моментов има само четири активни случаи, а во последнава недела има еден пријавен регистриран случај и еден смртен случај поради ковид.

-Оваа година имаме преклопување на ковидот, сезонскиот грип и на инфекции многу слични на сезонскиот грип, предизвикани од респираторни вируси. Од таа причина, во практиката е многу тешко да се направи разлика дали станува збор за обична настинка, сезонски грип или ковид, сѐ додека не се направи микробиолошка потврда на причинителот. Има многу респираторни вируси кои предизвикуваат слични симптоми и сите тие заболувања се водат како заболувања слични на грип, објаснува Николоска.

Во Прилеп против сезонскиот грип се имунизирани вкупно 3 150 граѓани. Инаку, во шесте градинки повеќе од половината деца во јануари се отсутни, главно, традициоално, поради празниците. Оттаму велат дека вистинската слика со настинки и респираторни заболувања ќе се знае во февруари. Во прилепската болница нема случаи на компликации ниту на инфективното ниту на детското одделение.

Поврзани новости