Свет

Ерусалим се претвора во „град на духови“

Улиците на Ерусалим се морничаво тивки додека смртоносни борби меѓу Израел и палестински терористи беснеат во и околу Појасот Газа, откако Хамас масакрираше стотици Израелци во ненадејна масовна инфилтрација, пишува Тајмс оф Израел.

Училишната недела не започна ниту на истокот, ниту на западот на градот откако рано во саботата се случи нападот на Хамас врз јужен Израел, проследен со ракетен оган што паѓаше врз поголемиот дел од земјата.

Оттогаш, според официјалните податоци, околу 900 луѓе се убиени во Израел и 560 во Појасот Газа.

Во трговскиот центар Фрст стејшн, кој беше преполн со луѓе пред само неколку дена за време на празникот Сукот, на повеќето излози пишува „затворено“.

„Се чувствуваме како да умираме одвнатре“, рече Итамар Тараган, управител на комплексот Фрст стејшн, за кој рече дека повторно ќе се отвори но „не утре и не задутре“.

Некои „ги отвораат своите ресторани само за да готват за војници, пожарникари, такви работи“, изјави тој за АФП.

„Тешко е да се дише“, рече Тараган. „Луѓето гледаат телевизија по цел ден, гледаат… видеа од луѓето кои биле киднапирани, па дури и кога не се ваши деца, во шок сме“.

Туристи сè уште можат да се видат низ градот, но во помал број. Многумина се загрижени дека можеби нема да можат да ја напуштат земјата со авион.

„Ерусалим е навистина град на духови“, вели Меј Бахбах, палестинска жителка на Ерусалим во нејзините 40-ти.

„Луѓето се плашат и се загрижени“, рече таа за АФП, стоејќи до затворена продавница.

Палестинците кои живеат на истокот од градот мора да одат на своите работни места, но се загрижени дека би можеле да бидат заробени од израелските сили поради воената ситуација, додаде таа.

Поврзани новости