Прилеп инфо

Камен темелник за автопатската делница Прилеп-Битола на Коридорот 10д

Во Прилеп денеска ќе биде поставен камен темелник за автопатската делница Прилеп – Битола на Коридорот 10д, една од четирите делници предвидени за изградба со Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

За останатите три автопатски делници на Коридорот 8 свеченоста се одржа минатиот месец.

Во собраниската Комисија за европски прашања вчера почна расправата за измените на петте закони поврзани со изградбата на коридорите, што ги предложи Владата по скратена постапка со европско знаменце, со образложение дека со нив ќе се олеснат процедурите за поевтина и побрза изградба.

Означувањето на законите со европско знаменце и натаму е предмет на дебата во јавноста, а опозициските пратеници критикуваат дека со тие закони не се врши усогласување со европската легислатива.

Владата поднесе пет измени на закони, односно усогласувања, за да се овозможи побрза и поефикасна градба, но и градба со финансиска конструкција која ќе биде пониска од она што е со постојаната регулатива, изјави Ковачевски, при посетата на Штип.

Евроамбасадорот Дејвид Гир и вчера го повтори ставот дека употребата на европското знаменце секогаш треба да се направи по претходна вистинска консултација помеѓу сите политички партии и тоа е за усогласување на европската легислатива.

Како што рече, многу често се употребува европското знаменце за закони за кои не е наменето.

-Се разбира имаме редовни контакти со Владата во врска со ова прашање, меѓутоа и со ред други прашања и секогаш сме подготвени да ја сослушаме Владата што има да каже во врска со ова и со други прашања што не засегаат сите нас.

И што се однесува до самата опозиција ние сме во редовен дијалог и со неа за прашањата што тие ги покренуваат, изјави Гир.

Поврзани новости