Балкан

Пожарот во Грција е најголемиот досега регистриран во ЕУ, зафатил површина поголема од Њујорк

Службата за цивилна заштита на ЕУ соопшти дека пожарот зафатил повеќе од 810 квадратни километри, што е површина поголема од градот Њујорк

Шумскиот пожар кој веќе 11 дена гори во североисточна Грција е најголемиот шумски пожар некогаш регистриран во Европската Унија (ЕУ), изјави портпаролот на Европската комисија Балаж Ујвари, велејќи дека блокот мобилизира речиси половина од својата авијација во борба против огнените јазици.

Испратени се 11 авиони и еден хеликоптер од флотата на ЕУ заедно со 407 пожарникари кои треба да помогнат во гаснењето на пожарот во североисточна Грција во кој загинаа најмалку 20 луѓе.

Службата за цивилна заштита на ЕУ соопшти дека пожарот зафатил повеќе од 810 квадратни километри, што е површина поголема од градот Њујорк.

„Овој шумски пожар е најголем во ЕУ од 2000 година, кога Европскиот информативен систем за шумски пожари почна да ги бележи податоците“,

соопшти Службата за цивилна заштита на ЕУ.
Грчките пожарникари веќе единаесетти ден се борат со пожарот што беснее низ националниот парк Дадија на североистокот на земјата, кој е познат како живеалиште на бројни ретки птици грабливки, но огнените јазици сè уште не се ставени под контрола.

Грција ова лето беше опустошена од бројни пожари, кои владата ги припишува на климатските промени.

Поврзани новости