Рецепти

Традиционално католичко велигденско лепче со суво грозје

Католичките верници традиционално подготвуваат лепче со крст на Велики петок, кога и го јадат. Но, тоа не значи дека и сите останати не можат да го испробаат овој рецепт.

Ова лепче го означува крајот на сезоната на постот, а секоја состојка и симбол додадени во/на лепчето има различно значење. Крстот го претставува Исусовото распнување, зачините во тестото ги симболизираат зачините што се користат за балсамирање, а кората од портокал ја евоцира горчината на неговото време поминато на крстот. Во лепчето обично се додава суво грозје. Можете да го подготвите на овој начин, а можете да додадете и рендана кора од портокал.

Потребни состојки:

350 гр брашно (+50 гр)
60 гр шеќер
150 мл млеко
2 лажички сув квасец
1 јајце
50 гр несолен путер
1/2 лажичка сол
1 лажичка екстракт од ванила
60 гр суво грозје
кора од портокал (опционално)
вода
Подготовка:

Во сад помешајте топло млеко, квасец и шеќер и убаво измешајте. Покријте и оставете да се активира. Во активираниот квасец додадете путер од собна температура, јајце и ванила. Добро измешајте ги состојките. Во друг сад измешајте го просеаното брашно и солта, па додадете го активираниот квасец и замесете тесто. Тестото се става во сад подмачкан со масло и се покрива со проѕирна фолија, па се остава еден час за да нарасне.

Расукајте го тестото, па посипете го со суво грозје. Можете да додадете и рендана кора од портокал, доколку сакате. Свиткајте го тестото, па кратко промешајте за сувото грозје убаво да падне во тестото. Поделете на 8 еднакви делови. Обликувајте топчиња и наредете ги на плех обложен со хартија за печење. Покријте и оставете го тестото да нарасне уште еден час.

Во садот ставете го брашното и постепено преливајте ја водата. Мешајте додека не добиете потенка смеса. Истурете во кеса за замрзнување, а потоа исцедете во форма на крст на секое лепче. По желба, оваа смеса може да биде и од чоколадо.

Печете ги лепчињата во загреана рерна на 180°C околу 30 минути. Жешките лепчиња премачкајте ги со растопен путер.

Поврзани новости