ВестиМакедонија

До утре најверојатно ќе се знае дали во земјава има заболени од кракен варијантата на коронавирусот

Според претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, не е исклучена можноста кракен варијантата да е веќе присутна во земјава, но, како што кажа, тоа ќе се знае до крајот на неделава кога ќе се добијат резултатите од секвенционирањето на десетина позитивни примероци од ковид-19
До крајот на неделава, односно до утре, најверојатно ќе се знае дали во земјава има заболени од новиот сој на коронавирусот – кракен.

Ова во вечерашниот Дневник на ТВ Сител го најави претседателот на Комисијата за заразни болести, доктор Александар Петличковски кој кажа дека утре се очекуваат резултатите од секвенционирање на десетина позитивни примероци од ковид-19. Според Петличковски, не е исклучена можноста помеѓу примероците да се појави и кракен варијантата.

„Во моментов во тек е нова рунда на секвенционирање на неколку десетина примероци. Очекуваме утре да имаме резултати од тоа секвенционирање. Не е исклучено помеѓу некои од примероците да се појави и кракен варијантата“, изјави Петличковски за ТВ Сител.

Според досега познатите податоци во врска со новата кракен варијанта на омикрон, Петличковски вели дека се работи за варијанта која предизвикува благи симптоми. Затоа, како што рече, не се очекува драстично да го оптовари здравствениот систем.

„Кај нас се уште не е официјално регистриран кракен примерок, меѓутоа многу е веројатно дека е тука“, рече претседателот на Комисијата за заразни болести.

Според Петличковски, нема простор за паника и загриженост помеѓу граѓаните во врска со евентуалната појава на новиот сој на коронавирус во земјава.

Поврзани новости