ВестиЕкономија

Од ноќеска ќе поевтинат бензините и дизелот

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕВУ) донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,67 отсто во однос на одлуката од петокот.

Од полноќ, бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 ќе се продаваат за два денара по литар помалку отколку досега, додека Еуродизел (Д-Е V) и Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе поевтинат за еден и пол денар по литар.

Со најновата одлука, моторен бензин Еуросупер БС – 95 ќе се продава за 82 денари за литар, додека бензинот Еуросупер БС – 98 ќе чини 84 денари за литар. Дизел горивото Еуродизел БС (Д-Е V) ќе може да се набави за 78,5 денари за литар, додека маслото за горење Екстра лесно 1 ќе чини 77 денари за литар. Цената на мазутот М-1 НС ќе изнесува 41,411 денари за килограм.

РКЕВУ потсетува дека тоа се максималните дозволени цени на горивата, а трговците може да ги продаваат горивата и по пониски цени од новоутврдените.

Комисијата одлуката за поевтинувањето на горивата ја образложува со намалување на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка (3 февруари 2023), и тоа кај бензините за 4,13%, кај дизелот за 2,692%, кај екстра лесното масло за 2,466%, додека кај мазутот имало зголемување за 0,535%

Исто така, курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,169%.

Поврзани новости