Македонија

Општините подготвуваат нови решенија за данок согласно репроценките на имот

Според новиот закон донесен во 2021 година секоја Општина ќе мора на секои 4 години да прави репроценка на имотот на граѓаните и правните лица. Дел од Општините, како Кавадарци, веќе завршиле со ова, а Општина Прилеп својата територија ја подели на 6 зони и веќе во тек е оваа постапка. Во Прилеп ваква масовна репроценка не е направена уште од 2009 година и дел од граѓаните се доведени во нерамноправна состојба, затоа што пример во една зграда за стан со иста квадратура граѓаните плаќаат различно данок.

„Вие би платиле 0,10 проценти данок од проценетата вредност или со ослободување од 50%, значи данокот би бил 0,5%. Ако сте плаќале данок од 750 денари по стара методологија од 2005 или 2009 година, сега по новата репроценка тој данок не би бил поголем од 1.100 или 1.200 денари“, истакна Горан Стојаноски, даночно одделение во Општина Прилеп.

Со репроценката, данокот на облог на имот или приходот за Општината се очекува да изнесува околу 80-тина милиони денари, а тоа ќе биде и основа за креирање на идниотт буџет.

„Согласно ова зголемување од репроценката од данокот на имот ќе биде зголемен и основниот буџет на Општина Прилеп, основниот буџет и неговото зголемување значи поширок јавен интерес, односно со тие средтсва кои бис е собрале од данок на имот ќе се изработуваат приоритетни проекти кои што се од јавно значење за граѓаните“, рече Дејан Проданоски, претседател на Совет на Општина Прилеп.

Од Општина Прилеп се надеваат дека до крајот на годинава комплетно ќе се заврши со репроценката на имотот, а за тоа би им помогнала и проценителска куќа. Данокот пак на оној имот кој нема да се користи или издава под кирија ќе биде поголем за 3 пати од нормланиот данок согласно новиот закон.

Поврзани новости