Останати

Пеце Илиевски, од аеро клубот Битола, втор на Државно првенство во спортско моделарство слободнолетечки модели

На 25 јуни 2023 година, традиционално, на спортскиот аеродром Мало Коњари – Прилеп се одржа 71. Државно првенство во спортско моделарство слободнолетечки модели, категорија Ф1А, Ф1Б, Ф1Ц И Ф1Х-јуниори. Настанот во име на Воздухопловната федерација на Македонија го организираше ВСК “Фил Феникс“, од Прилеп. Вообичаено, учество зедоа натпреварувачи во сениорска и јуниорска конкуренција од Охрид, Битола, Скопје, Кавадарци и домаќинот Прилеп. Натпреварот се одвиваше во 5 старта, по спортскот правилник на ФАИ.

Во категоријата Ф1А-едрилици, во основниот дел (5-те старта) со максимален број бодови се одвоија Пеце Илиевски од АК Битола и Анастасија Пожарска од Фил Фенсик – Прилеп. Поради изедначениот број бодови, само за нив двајца се премина на стартот на одлука или Флај Оф, по што за 1 секунда повеќе Анастасија Пожарска го освои првото место, Пеце Илиевски, второто, а третото место му припадна на Петар Цветановски од АК Охрид.

Во категоријата Ф1Б-модели со погон на гумен мотор, првото место го освои Климент Масин, второто место му припадна на Анастас Божинов, и третото место за Александар Цветановски, сите од Аеро клуб Охрид.

Во категоријата Ф1Ц-модели со мотор на гориво, Првото место му припадна на ветеранот Коста Стојановски од Аеро клуб Скопје, а второто место на Митко Цветановски од Аеро клуб Охрид.

Во категоријата Ф1Х – јуниори, првото место му припадна на Дино Најдоски од клубот „Фил Феникс“ од Прилеп, второто место на Михаил Пожарски од клубот „Фил Феникс“ од Прилеп, третото место на Леона Чејкова од Кавадарци, четврто место Сара Цалева од АК Скопје и петто место Дамјан Масин од АК Охрид.

Се доделуваа и награди за екипен пласман, така што, во категоријата едрилици, првото место му припадна на Фил феникс од Прилеп, второт место на АК „Мирко Тодоровски“ од Битола и третото место на АК Прилеп.

Посебно е за истакнување учеството на задоволителен број млади деца – јуниори, потенцијални наследници на актуелните авио моделари.

Натпреварот се одвиваше во одлични временски услови но за жал во отежнати теренски услови, поради високата трева и остатоци од на места косена трева и ситни, цврсти, трнливи гранки што го отежнуваа движењето при стартовањето на моделите.

Поврзани новости