Македонија

Поклон за илинденците на Мечкин Камен, граѓаните сакаат достојна почит за големиот празник Илинден

Бројни делегации, од државните институции, од дипломатскиот кор во земјава, на политички партии, здруженија денеска на Мечкин Камен положија цвеќиња и се поклонија пред споменикот на ова историско место на кое со децении е централното чествување на 2 Август- Илинден и денот на Илинденското востание и Крушевската република. На народниот собир се обрати претседателот на собранието Талат Џафери, а се одржа и културно-уметничка програма.

Граѓание што беа на Мечкин Камен рекоа дека ја сакаат традицијата, сакаат достоинствено да се чествува најголемиот празник и им порачаа на политичарите повеќе да исполнуваат, а не само да ветуваат. Празникот го заслужува достоинството, како и Илинденците кои загинаа, поставувајќи ги темелите на нашата држава, ни рекоа анкетираните граѓани.

На народниот собир граѓаните со аплаузи и скандирања ги пречекаа Илинденските коњаници кои од повеќе места од Македонија ги продолжуваат илинденските традиции и им оддаваат почит на сите илинденци кои учествуваа во Илинденското востание. Коњаниците беа пречекани со песни. Илинденските коњаници цело време до бината на Мечкин Камен упатуваа пораки за Македонија и Илинденците, а некои користеа и пиротехнички осветлувања.

Поврзани новости