Регион

Преку интерактивна мапа се мапираат дивите депонии во Пелагонија

Преку интерактивна мапа се мапираат дивите депонии во Пелагонија

Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив – Битола во рамките на проектот „Модерно е зелено – Мапирај за чиста Пелагонија“ ја пушти во употреба веб-страницата www.mapiraj.mk каде што десет млади волонтери од општините Битола, Прилеп, Крушево, Могила и Новаци во наредните месеци ќе ги мапираат дивите депонии во нивните места на живеење.

Покрај мапирањето на диви депонии, на веб-страната ќе се пласираат и информативно-едукативни блогови од областа на екологијата.

Претседателот на Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив – Битола, Мартин Николовски, изјави дека активностите се насочени за подигнување на јавната свест за заштитата на животната средина и намалување на загадувањето во Пелагонискиот регион.
„Пелагонија се гуши во отпад кое несовесните граѓани го фрлаат буквално каде стигнат. Од друга страна пак, сакаме да ги поттикнеме комуналните претпријатија и општините повеќе да се посветат на оваа проблематика за зачување на животната средина. Во рамките на овој проект планираме да мапираме околу 50 диви депонии и преку интерактивната мапа на нашата веб-страна www.mapiraj.mk да следиме дали истите ќе бидат исчистени или не. Ги повикувам сите граѓани кои ќе забележат диви депонии во нивните места на живеење да ни испратат фотографии и локација за да може да ги споделиме со јавноста“, рече Николовски.

Во изминатиот период, Здружението Интерактив –Битола организираше дебатен еко клуб за адресирање на локалните еколошки проблеми во опфатените општини, обука и теренски активности за мапирање диви депонии, како и работилници за екологија, зелена дигитализација, зелено новинарство и работилница за подготовка на еколошка кампања.

Активностите се во рамки на проектот „Модерно е зелено – Мапирај за чиста Пелагонија“, имплементиран од Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив – Битола, во рамки на програмата за подгрантирање на проектот „Младински активизам за позелени општини”, имплементиран од Македонското здружение на млади правници, Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина Гоу Грин Скопје, Центарот за климатски промени и Здружението на млади Креактив, финансиски поддржан од Европската унија.

Поврзани новости