Ракомет

Дувњак: Нè очекува ракометен пекол во Битола

Ракометарите на Кил ќе бидат вториот гостин на Еурофарм Пелистер во рамките на Лигата на шампионите. По двата стартни порази, битолчани се должни на публиката, а на мегдан одново им доаѓа европски гигант.

Пред гостувањето во Битола, своите очекувања ги изнесе еден од најдобрите светски ракометари, Домагој Дувњак. Хрватот е свесен дека нема да биде лесно против пелистерци, а очекува ракометен пекол од трибините.

„Никогаш не сум играл во Битола, но гледав многу натпревари на Еурофарм Пелистер во изминатите неколку години. Нè очекува ракометен пекол и вистинска атмосфера. Ќе уживам во натпреварот, а сигурен сум дека и другите момци ќе се забавуваат и ќе дадат максимум шеесет минути. Нè чека навистина добар тим. Двата пораза на Еурофарм Пелистер на стартот од Лигата на шампионите не значат ништо. Очекувам тежок натпревар во кој треба да бидеме максимално фокусирани“, изјави Дувњак.

Еурофарм Пелистер в среда во терминот од 18:45 часот ќе го дочека Кил во рамките на третото коло на елитното натпреварување во „Боро Чурлевски“.

Поврзани новости