НАЈНОВО

Македонија

Минатиот месец бил најтоплиот март во историјата на мерењата

Службата за следење на климатските промени на Европската Унија, Коперник, на 9 април објави дека овогодинашниот март е најтоплиот март во историјата на мерењата, при што температурата на површината на морето достигнала нов апсолутен месечен рекорд за глобалната температура на морињата.

Секој од последните десет месеци е рангиран како најтопол некогаш забележан во светот во споредба со соодветниот месец во претходните години, покажува месечниот билтен на Коперник.

Тоа не беше само десетти последователен месец кој го собори сопствениот топлински рекорд, туку и „глобалната просечна температура во последните 12 месеци е највисока досега забележана“ и го надминува прединдустрискиот просек за 1,58 степени Целзиусови поради децениите на емисии на стакленички гасови, чиј пак ефект од средината на 2023 година е особено нагласен од феноменот Ел Нињо, оценува заменик-шефот на службата за климатски промени Коперник, Саманта Бурџис.

„Тоа е долгорочен тренд со големи рекорди за кои сме многу загрижени“, рече Бурџис, пренесува Ројтерс.

Таа наведува дека следењето и „проучувањето на ваквите записи од месец во месец навистина покажува дека нашата клима многу брзо се менува“.

Поврзани новости