Фудбал

ПСЖ ја одреди цената за Реал за Мбапе, Флорентино чека голем попуст во август

Килијан Мбапе без размислување ги откачи челниците на Ал Хилал одбивајќи воопшто да се сретне со луѓето кои допатуваа во Париз во обид да го убедат следната сезона да ја мине во нивниот клуб во Саудиска Арабија, притоа нудејќи му трансфер што ќе беше најскап во историјата на светскиот фудбал.

Веќе е сосема јасно дека Мбапе има договор следното лето да си замине во Реал Мадрид, па „светците“ се принудени да почнат преговори со „кралскиот клуб“ во обид да го продадат летово и да не ризикуваат францускиот репрезентативец во јули 2024 без никаква отштета да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“. Како што јавуваат француските медиуми, ПСЖ остварил и директен контакт со раководството на Реал, при што била обелоденета цената што францускиот првак ќе ја бара за својот најдобар фудбалер – во висина од 250 милиони евра.

Флорентино Перез воопшто не е заинтересиран за разговори на оваа тема, свесен дека Реал се наоѓа во многу поволна ситуација во овие преговори и нема потреба да плаќа богатство. Напротив, претседателот на Реал Мадрид е убеден дека следниот месец ПСЖ ќе мора значително да ја намали сумата. „Светците“ тогаш ќе бидат во трка со времето и ќе мора да ја спуштат цената за да не ризикуваат Мбапе да си замине бесплатно наредното лето.

Неофицијално, Перез е подготвен да плати само половина од она што ПСЖ го бара (околу 125 милиони евра) за да го доведе Мбапе летово, во спротивно е подготвен да чека 12 месеци за слободен трансфер, па останува да се види каква ќе биде разврската.

Поврзани новости