НАЈНОВО

Здравје

Финансискиот стрес е најштетен по здравјето

Финансискиот стрес е најштетен за здравјето и општата благосостојба на луѓето, го забрзува процесот на стареење, влијае на здравствените биомаркери и има посилен ефект врз менталното здравје во споредба со последиците од тагување поради болест, тешка загуба или развод, според новото истражување на британските научници.

Речиси 5.000 возрасни лица на возраст од 50 и повеќе години учествуваа во британската студија, која беше спроведена од научници од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) и Кингс колеџот, кои истакнаа дека нивната анализа е прва што истражува како тие се разликуваат од типовите на хроничен стрес поврзан со индикаторите за здравје кај постарите возрасни групи.

Национално репрезентативната студија потврди дека финансискиот стрес е поврзан со долгорочни промени во клучните здравствени индикатори, како што се имунолошкиот, нервниот и хормоналниот систем.

Споредени шесте најчести стрес фактори
Од сите шест најчести стресори кои ги проучувале британските научници, а тоа се финансиски стрес, грижа за сериозно болно или инвалидно лице, инвалидитет, тешка загуба во семејството, болест и развод, се покажа дека финансискиот стрес е најштетниот фактор поврзан со долгорочни најризични здравствени исходи.

Ова беше утврдено со испитување на четири биомаркери во крвта – кортизол (хормон произведен како одговор на стрес), Ц-реактивен протеин (CRP), фибриноген и фактор на раст сличен на инсулин 1 (IGF-1). Сите овие се имунолошки фактори поврзани со развој на стрес, развој на воспаление и стареење, додека IGF-1 е поврзан и со стареење и со долговечност.

Студијата покажа дека учесниците во студијата кои биле под стрес само за нивната финансиска состојба имале 60 отсто поголеми шанси да развијат здравствен профил со висок ризик по четири години.

За секоја дополнителна стресна ситуација, како што е разводот, таа веројатност скокнала за дополнителни 19 проценти.

Набљудуваната врска се одржува без оглед на генетиката, социо-економските фактори, возраста или полот на учесниците или нивниот начин на живот.

Студијата исто така покажа дека финансискиот стрес, тешката загуба и долготрајната болест најсилно влијаеле на промените во имунолошките и невроендокрините биомаркери, што укажува на континуиран физички ефект на хроничен стрес.

Друг заклучок на британските научници е дека хроничниот стрес може да предизвика хормонални промени и имунолошки реакции, што може да влијае на влошување на физичките и психичките здравствени проблеми.

Епидемиологот Одеса Хамилтон од UCL го истакна инвазивното влијание на финансискиот стрес врз различните аспекти на животот, што на крајот се манифестира во некои случаи како семејни конфликти, социјална исклученост, бездомништво или глад.

Иако британската студија не го поврзува директно стресот и долгорочните здравствени проблеми, таа го нагласува огромното влијание на стресот врз телото што старее.

Резултатите од истражувањето беа објавени во списанието Brain, Behavior and Immunity.

Поврзани новости